ВИКЕНД БЕЗ ДДВ 10, 11 И 12 ОКТОМВРИ

Почитувани,

Согласно објавените пакет мерки на Владата на РСМ за справување со економската криза предизвикана од глобалната пандемија на коронавирусот, во периодот 10,11 и 12 Октомври ќе се одржи „Викенд без ДДВ“. За таа цел во собраниска процедура влегоа предлог измени и дополнувања на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица по скратена постапка.

Со измените и дополнувањата се дава можност на физичките лица кои се пријавени и се корисници на апликативниот софтвер на Управата за јавни приходи „МОЈ ДДВ“ за прометот остварен на 10,11 и 12 октомври да им се врати целиот износ на данокот на додадена вредност. Враќањето на целиот износ на ДДВ-то ќе се однесува за прометот на домашни производи и услуги како и за компјутерска опрема кој не надминува 30 000 денари по лице за сите фискални сметки издадени на 10,11 и 12 октомври 2020 година.

Фискалните сметки кои ќе бидат цел на целосен поврат на ДДВ ќе може да се скенираат преку апликативниот софтвер најдоцна 3 дена од рокот на издавање на фискалната сметка.

Враќањето на целосниот износ на ДДВ за овој промет ќе се врши најдоцна 15 дена од денот на издавање на фискалната сметка.

Предлог измените и дополнувањата на Законот можете да ги преземете на следниот линк (преземи)