УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА НА ДЕЛОВНИТЕ СУБЈЕКТИ ВО ТЕКОТ И ВО ПОСТ COVID 19 ПЕРИОДОТ

Почитувани,
 
Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр.153/20 објави Уредба со законска сила за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во текот и во пост COVID 19 периодот.

Со уредбата се уредуваат видот, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на трговските друштва со цел да се стабилизира и обнови нивната деловна активност вклучувајќи го враќањето на изгубени пазари со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за заздравување на домашната економија, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот во текот на март 2020 година до декември 2021 година.
 
Корисници на финансиската поддршка можат да бидат деловни субјекти кои:

 
  • во текот на 2020 година имаат во реализација инвестициски проект според инвестицискиот план од членот 6 на оваа уредба со законска сила; и
  • работат во производствени сектори кои се дефинирани како производство, согласно Националната класификација на дејности, освен оние кои се исклучени од оваа можност согласно Законот за контрола на државна помош; или
  • деловни субјекти што вршат дејност трговија, доколку инвестираат во основни средства; или
  • вршат дејности од областа на информациско - комуникациски услуги, доколку инвестицијата опфаќа воспоставување на нова организациона единица за технолошки развој, истражување и/или развој на ново софтверско или хардверско решение.

Корисници на финансиската поддршка не можат да бидат деловните субјекти кои:
  • искажале негативен финансиски резултат во 2019 година;
  • вршат дејност од областа на примарно земјоделство, шумарство и рибарство;
  • вршат градежни дејности поврзани со изградба и продажба на станови и станбени и деловни згради за делот на градежната дејност изградба и продажба на станови, станбени и деловни згради;
  • работат во индустриите за производство на јаглен и челик;
  • се поддржани со други мерки и механизми за поддршка на специфични сектори (како банкарскиот сектор, финансиски услуги и слично);
  • вршат дејности од јавен интерес утврдени со закон;
  • вршат лиценцирана дејност;
  • вршат регулирана дејност чија цена ја одредува независно регулаторно тело;
  • се корисници на право на концесии на добра од општ интерес, освен доколку концесијата не се користи за реализација на инвестициски проект;
  • кои вршат дејности поврзани со наменско производство (вооружување и воена опрема);
  • произведуваат акцизна стока, освен акцизна стока наменета за фармацевтски, медицински и индустриско лабораториски цели и
  • вршат дејност трговија (на мало и на големо), освен ако инвестираат во основни средства и објекти.
Висината на финансиската поддршка
Висината на финансиската поддршка изнесува 25% од реализираната инвестиција според инвестицискиот план од членот 6 на оваа уредба со законска сила, но не повеќе од:
  • 40.000 ЕВРА во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на исплатата, за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година не повисок од 1.000.000 ЕВРА во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на исплатата;
  • 100.000 ЕВРА во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на исплатата, за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 1.000.001 ЕВРА до 10.000.000 ЕВРА во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на исплатата;
  • 140.000 ЕВРА во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на исплатата, за деловни субјекти кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 10.000.001 ЕВРА до 50.000.000 ЕВРА во денарска противвредност   според   средниот   курс   на   Народна   банка   на   Република   Северна Македонија на денот на исплатата; и
  • 200.000 ЕВРА во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на исплатата, за деловни субјекти кои оствариле приход во 2019 година повеќе од 50.000.000 ЕВРА во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на исплатата.
 
Инвестициски план (Член 6)

Инвестициски план е документ со кој деловниот субјект ги идентификува потребите на деловниот потфат и неговото инвестирање, ја дефинира рамката за идентификација и управување со трошоците за реализација на инвестицискиот проект, евентуалниот недостаток на финансиски средства за финансирање на трошоците на инвестицискиот проект, содржи податоци за финансиската состојба на деловниот субјект, обемот на потребните финансиски средства на деловниот субјект, потенцијални извори на финансирање на потребите, проценка на потребната финансиска поддршка која може да
 придонесе кон одржливоста на деловниот потфат и предвидена рамка за начинот на кој деловниот субјект ќе го зајакне деловниот потфат и ќе продолжи да ја врши дејноста за период од најмалку три години од денот на исплата на финансиската поддршка.
 
Објавување на оглас за поднесување на пријави

Министерството за економија на својата веб страна, ден 12 јуни 2020 година објавува оглас кој ќе трае до 31 јули 2020 година.

По прибирање на сите пријави пристигнати со последниот ден на рокот за нивно поднесување, Комисијата за оценка на пријавите во рок од 15 дена спроведува оценка на пристигнатите пријави и приложената документација и составува Извештај што содржи: број на добиени барања, листа на компании и инвестициските проекти кои ги исполнуваат условите за склучување на договор за финансиска поддршка и висината на финансиска поддршка согласно со одредбите од оваа уредба и го доставува до министерот за економија.
 
Максимален износ на финансиска поддршка

Финансиската поддршка се одобрува до максимален износ од 1.200.000.000 денари, средства утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во програмата П1 Мерки за справување со COVID 19.
Доколку врз основа на проекцијата за видот и максималниот износ на финансиска поддршка се надминат утврдените буџетски средства, исплатата се врши сразмерно по корисник на финансиска поддршка во рамките на утврдениот максимален износ од ставот (1) на овој член.
 
Обврска за доставување на Извештај за текот на реализација на инвестицискиот план

Деловниот субјект на кој му е доделена и исплатена финансиска поддршка има обврска до 31.01.2021 година до давателот на финансиската поддршка да достави Извештај за текот на реализација на инвестицискиот план со докази во вид на финансиска и друга документација соодветна на инвестицискиот проект дека истиот се реализира во рамките на инвестицискиот план за кој е исплатена финансиската поддршка.
Доколку деловниот субјект ја завршил инвестицијата до 31.12.2020 година доставува завршен извештај, а ако инвестицијата не е завршена доставува извештај за прогрес со следните документи:
  • За купувањето на основни средства, опрема и машини доставува договор или фактура со доказ за целосно или делумно плаќање или алтернативно отворен акредитив или издадена банкарска гаранција за истата. Основните средства, опремата и машините не треба да бидат постари од две години.
  • За градба на производни хали, доставува издадена градежна дозвола со премер пресметка, докази за извршени плаќања за градбата и фото документација од истата. Документацијата треба да биде на име на компанијата која аплицира за финансиска поддршка.
  • За  воспоставување на  нова организациона единица за  технолошки развој, истражување и/или развој на ново софтверско или хардверско решение доставува евиденциски извештаи за инвестираните средства во опрема, инвестиции во оперативен капитал, обуки и тренинзи и/или договор за интелектуална сопственост.
Деловниот  субјект  до  давателот  на  финансиската  поддршка     доставува  завршен извештај  не  подоцна  од  30  дена  по  завршување  на  инвестицијата  и  не  подоцна  од
31.12.2021 година кој ги содржи следните документи:
  • За основни средства и опрема доказ дека опремата е инсталирана и пуштена во работа со следните документи: договор или фактура, доказ дека е платена и фото документација дека е инсталирана.
  • За  градби  доказ  дека  е  изградена и  платена  со  изводи  од  плаќања  и фотодокументација за градбата.
  • За  воспоставување на  нова организациона единица за  технолошки развој, истражување и/или развој на ново софтверско или хардверско решение доказ за инвестираните средства за воспоставување и оперирање на организационата единица и развиеното ново софтверско или хардверско решение.
Доколку деловниот субјект не успее да ја заврши инвестицијата или не успее да ја докаже минимум 80% од вредноста на инвестицијата, треба да ги врати средствата во Буџетот  на  Република  Северна  Македонија, не  подоцна  од  01.03.2022  година,  во спротивно давателот на финансиската поддршка ќе ја активира меницата како механизам за обезбедување.
 
Финансиска поддршка согласно со оваа уредба со законска сила не може да се додели на деловен субјект за реализација на инвестициски проект за кој е доделена друга државна помош.