УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ГРАЃАНИ И ВРАБОТЕНИ ЛИЦА СО НИЗОК ДОХОД, МЛАДИ ЛИЦА И ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ПРЕКУ ИЗДАВАЊЕ НА ДОМАШНА ПЛАТЕЖНА КАРТИЧКА НАМЕНЕТА ЗА КУПУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ И УСЛУГИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Почитувани,

Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр.137/20 објави Уредба со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба.

Со оваа уредба се уредуваат условите, начинот и постапката на финансиска поддршка на:

  • граѓани и вработени лица со низок доход,
  • млади лица на возраст од 16 до 29 години и
  • здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID19.

Граѓани со низок доход“ се полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се приматели на социјална помош (лица од домаќинство кое користи право на гарантирана минимална помош; лица од домаќинство кое користи право на детски додаток; лица од домаќинство кое користи право на додаток за образование; корисник на право на социјална сигурност за старите лица и негов брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница) или невработени лица кои активно бараат работа евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија заклучно со 22.05.2020 година, кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари и за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 60.000 денари согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „граѓани-корисници на финансиска поддршка“).

Вработени лица со низок доход“ се државјани на Република Северна Македонија кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „работници-корисници на финансиска поддршка“).

Млади лица“ се државјани на Република Северна Македонија со наполнети 16 години и не постари од 29 години на 22.5.2020 година, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од Република Северна Македонија, локалната самоуправа и градот Скопје) и високото додипломско образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основни од Република Северна Македонија), согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: „млади лица-корисници на финансиска поддршка“).

„Здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19“ се државјани на Република Северна Македонија вработени во јавните здравствени установи во Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, центри за јавно здравје, членови на тимовите за Итна медицинска помош, лица вработени во инфективните одделенија на општите болници и ангажирани работници во други одделенија кои повремено биле ангажирани во инфективните одделенија на соодветната јавна здравствена установа респективно за времето на ангажирање согласно со евиденцијата на Фондот за здравствено осигурување заради тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19 (во натамошниот текст: „здравствени работници-корисници на финансиска поддршка“).

Издавање на домашна платежна картичка ДПK

Листата на граѓани со низок доход-корисници на финансиска поддршка и Листата на вработени лица со низок доход-корисници на финансиска поддршка ја изготвува УЈП.
Листата на млади лица-корисници на финансиска поддршка ја изготвува Министерството за образование и наука.
Листата на здравствени работници-корисници на финансиска поддршка ја изготвува Фондот за здравствено осигурување на РСМ. Сите овие листи се доставуваат до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.

Конечната листа на корисници на финансиска поддршка со податок за името и презимето на корисникот и банката издавач на ДПК, Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ја објавува на 
www.kupuvamdomasno.gov.mk во рок од пет дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила. Корисник на финансиска поддршка има право да ја одбие финансиската поддршка во рок пет дена од денот на објавувањето на Конечната листа од овој став. Одбивањето на финансиската поддршка се врши преку www.kupuvamdomasno.gov.mk, односно преку банка издавач на ДПК, во писмена форма или преку е-маил, во спротивно се смета дека финансиската поддршка уредена со ова уредба со законска сила се прифаќа.

Банката издавач на ДПК склучува договор за издавање на ДПК и отвора трансакциска сметка на корисник на финансиска поддршка во согласност со закон и општите акти на банката издавач. Согласно со оваа уредба со законска сила за уредно се смета склучувањето договор за издавање на ДПК преку објавување на формуларен (типски) договор на интернет страната на банката издавач на ДПК или во простории на банката издавач на ДПК и приемот на изјава во е-форма од корисникот на финансиска поддршка дека е запознаен и ги прифаќа условите од објавениот договор.
Малолетен граѓанин корисник на ДПК кој има валиден документ за идентификација (лична карта или пасош), согласно оваа уредба со законска сила ќе може самостојно да даде согласност и да склучи Договор за издавање на ДПК и отворање на трансакциска сметка, без присуство на родител/старател и без нивно евидентирање во својство на законски застапник во банката и истото ќе се смета дека е во согласност со Законот за облигациони односи и другите прописи кои се однесуваат на работењето на банките.


Износ на финансиска поддршка

Граѓаните-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 9.000 денари по лице.

Работниците-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице.

Младите лица корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице.


Здравствените работници-корисници на финансиска поддршка кои учествувале во тестирање и дијагностицирање на граѓани заболени од COVID-19 и нивно лекување ќе добијат еднократна финансиска поддршка во висина на 40% од износот на последната пресметана основна нето плата на секој работник одделно до денот на влeгување во сила на оваа уредба со законска сила.


До кога може да се искористи финансиската поддршка?

Примената финансиска поддршка на ДПК корисниците на финансиска поддршка ја користат исклучиво за купување на македонски производи и услуги кај правни и физички лица вршители на стопанска дејност, Резиденти на Република Северна Македонија во периодот од денот на приемот на ДПК до 31.07.2020 година.

Оn-line набавката од интернет страници во сопственост на македонски правни и физички лица вршители на стопанска дејност за целите на финансиска поддршка се однесува на македонски производи и услуги.

По истекот на рокот (31.07.2020 година), престанува можноста за користење на финансиската поддршка од оваа уредба со законска сила.

ДПК може да се користи за плаќање на македонски производи и услуги на ПОС терминал и виртуелен ПОС терминал на правно и физичко лице вршител на стопанска дејност согласно со Националната класификација на дејности, односно Меѓународната категоризација на трговец по ИСО стандардизација (Merchant Category Code, скратено MCC). За дејностите од кои респективно не се поврзани со Меѓународната категоризација на трговец по ИСО стандардизација поврзувањето ќе го направи секоја банка од согласно одредбите во оваа уредба со законска сила.

Дејности за кои може да се плаќа со домашна платежна картичка:

55 Објекти за сместување

55.10 Хотели и слични објекти за сместување (МСС код: 7011; 3509)

55.20 Одморалишта и останати објекти за пократок престој (МСС код: 7011; 6513)

55.30 Кампови, автокампови и простори за кампирање (МСС код: 7011; 6513)

55.90 Друг вид на сместување (МСС код: 7011; 6513)

56 Дејности за подготовка на оброци и служење на xрана

56.10 Ресторани и останати објекти за подготовка и послужување на xрана (МСС код: 5812; 5814)

56.21 Услуги на доставување на xрана и пијалаци за посебни прилики (кетеринг) (МСС код: 5811; 5812)

56.29 Останати услуги за подготвување и служење на xрана (МСС код: 5811; 5812)

56.30 Подготовка и послужување на пијалаци (МСС код: 5813)

79 Туристички агенции, организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив

79.11 Дејности на туристичките агенции (МСС код: 4722)

79.12 Дејности на организаторите на патувања (туроператори) (МСС код: 4722)

79.90 Останати резервациски услуги и дејности поврзани со нив (МСС код: 4722)

47 Трговија на мало, освен трговија со моторни возила и мотоцикли

47.11 Трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со xрана, пијалаци и тутун (МСС код: 5411; 5310; 5993; 5499)

47.19 Друга трговија на мало во неспецијализирани продавници (МСС код: 5411; 5310; 5993; 5499)

47.21 Трговија на мало со овошје и зеленчук во специјализирани продавници (МСС код: 5411; 5310; 5311; 5993; 5499)

47.22 Трговија на мало со месо и производи од месо во специјализирани продавници (МСС код: 5422)

47.23 Трговија на мало со риби, лушпари и мекотели во специјализирани продавници (МСС код: 5422)

47.24 Трговија на мало со леб, печива, колачи и слатки во специјализирани продавници (МСС код: 5411; 5310; 5441; 5462)

47.25 Трговија на мало со пијалаци во специјализирани продавници (МСС код: 5921)

47.29 Друга трговија на мало со xрана во специјализирани продавници (МСС код: 5411; 5310; 5499)

47.73 Аптеки (МСС код: 5912)

47.75 Трговија на мало со козметички и тоалетни препарати во специјализирани продавници

47.81 Трговија на мало со xрана, пијалаци и тутунски производи на тезги и пазари

47.82 Трговија на мало на тезги и пазари со текстил, облека и обувки

47.89 Трговија на мало со други стоки на тезги и пазари

47.91 Трговија на мало преку пошта и интернет

47.99 Друга трговија на мало вон продавници, тезги и пазари

96.02 Фризерски салони и салони за разубавување (МСС код: 7230)

96.09 Останати лични услужни дејности, неспомнати на друго место (МСС код: 8999)

Граѓани запишани во регистарот за угостителска дејност од мал обем за вршење услуги за издавање легла за гости-туристи во домашно сместување (МСС код: 7011; 6513).

 
За што неможе да се користи платежната картичка?

- подигнување на готовина од банкомати, од ПОС терминали или со налог за исплата на готовина на шалтерите на банките, конверзија во странска валута или како замена за готовина,

- плаќања производи и услуги на физички и/или интернет (виртуелни) пос терминали, за подигнување на готовина на банкомати и други терминали, опслужувани од нерезиденти и/или резиденти, вршители на дејност надвор од територијата на Република Северна Македонија;

- пренос на парични средства кон други сметки во банката издавач на ДПК и/или кон други сметки кај друг носител на платен промет, независно дали е тоа сметка на лицето корисник на финансиската поддршка или е сметка на друго физичко и/или правно лице;

- плаќање за македонски производи и услуги кои не ги исполнуваат дефинициите од членот 2 точки 5) и 6) на оваа уредба со законска сила,

- плаќање на правни и физички лица кои не го исполнуваат условот за вршење на дејност од ставот (7) на овој член.

Обврска на правните и физички лица вршители на стопанска дејност

Правните и физички лица вршители на стопанска дејност, во објектите за трговија на мало утврдени потребно е да обезбедат посебно обележани рафтови, гондоли и сл. со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лицата корисници на финансиската поддршка од оваа уредба со законска сила. Правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line продажба преку интернет страници имаат обврска јасно да ги истакнат и посебно да ги издвојат македонските производи и услуги согласно оваа уредба.

За прометот на производи од ставот (1), правните и физички лица вршители на стопанска дејност издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија во фискалната сметка за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.

За прометот на македонски услуги, правните и физички лица вршители на стопанска дејност издаваат фискална сметка со содржината во претходниот став.

Оданочување

Примената финансиска поддршка не се оданочува со данок на доход согласно со Законот за данокот на личен доход.

Уредбата можете да ја преземете на следниот линк (преземи)