ПРОГРАМА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОГРАМСКИТЕ АКТИВНОСТИ НА ЗДРУЖЕНИЈАТА И ФОНДАЦИИТЕ ЗА МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО COVID-19 КРИЗАТА

Почитувани,
 
Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр.149/20 објави програма за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки за справување со COVID-19 кризата.

Средствата од оваа програма ќе се користат за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за преземање итни мерки за справување со кризата предизвикана од  коронавирусот COVID-19,  преку грантови во износ од 600.000,00 до 900.000,00 денари, за програми (проекти) во следниве приоритетни цели:
  • Информирање на јавноста за мерките и препораките на државните институции за спречување на ширењето на коронавирусот COVID-19 (активности за информирање на јавноста за следење на препораките на Министерството за здравство, особено важноста на придржувањето кон мерката за самоизолација и задолжително носење на заштитна опрема на лицето);
  • Правна помош, психолошка помош или совети за безбедност и приспособување за време на пандемија за најзагрозените групи, вклучително и спречување на стигматизација на заразените со коронавирус COVID-19 и лицата во изолација (спречување говор на омраза);
  • Помош и поддршка на децата од социјално загрозени семејства и децата од руралните средини за далечинско учење (учење од дома), со примена на средства за електронска комуникација;
  • Помош и поддршка во грижата за стари лица, жртви на семејно насилство и други ранливи групи и во нивното приспособување на условите што ги наметна кризата;
  • Набавка и дистрибуција на хуманитарна и санитарна помош за социјално загрозените и маргинализираните групи, на локално ниво;
  • Едукација, директна помош и поддршка помеѓу лица со хронични болести, лица со ретки болести, стари и изнемоштени лица, лица со зависности, самохрани родители, сексуални работници/чки, групи засегнати од ХИВ, лица со попреченост, ЛГБТИ и други социјално исклучени групи (на пример  набавки на прехранбени производи и лекови; обезбедување на храна,   прехранбени и хигиенски пакети; психосоцијална поддршка и сл.);
  • Директна поддршка за ранливи категории на работници/чки од ниско платени гранки со идејни решенија кои ќе им помогнат да оставруваат приходи за време на криза (на пример воспоставување он-line продавници за земјоделци/ки поединци);
  • Директна поддршка за ранливи категории на работници/чки кои се дел од неформалната економија и немаат можност за искористување на мерките на Владата за финансиска помош;
  • Поддршка на ранливи групи со ниски примања за да им се помогне со решенија со кои ќе остваруваат приходи за време на кризата;
  • Правна помош на граѓаните од најпогодените заедници за да ги остварат правата од мерките кои ги донесе Владата;
  • Анализа на влијанието на пандемијата, вклучувајќи ги и економските ефекти од кризата врз жените и ранливите категории и предлози за менување на политиките и мерките;
  • Промоција на домашното земјоделско производство, локални капацитети за рурален развој и туризам и локалното производство на храна;
  • Антикорупциска проверка на политиките кои се донесуваат во време на криза;
  • Предлози за структурни промени и нови политики (во областите здравство, образование, социјална заштита, животна средина и др.) кои ќе гарантитаат социјално- економска правда и правичност;
  • Информирање  за  заштитата  на  човековите  права  и  ризикот  од  стеснување на просторот за граѓанските слободи за време на епидемија и вонредна состојба;
  • Справување со дезинформации, лажни вести, стигматизација и говор на омраза;
  • Активности поврзани со дигитализација и електронска писменост на населението воопшто, односно како да се зголеми довербата во електронската комуникација и работење;
  • Онлајн обука и менторство за невработени лица, со фокус на ранливи категории граѓани, за стартување сопствен бизнис;
  • Обезбедување на совети и поддршка за развој на онлајн модули за физичка активност со цел подобро ментално здравје за време на пандемија;
  • Информирање и едукација на јавноста за практикување на физичка активност со почитување на социјално дистанцирање (развој на упатства, модули).
Здруженијата и фондациите на кои ќе им бидат доделени средства согласно оваа програма, по завршувањето на своите програмски активности ќе достават извештај за користењето на средствата до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, најдоцна до 31 јануари 2021 година.

Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија ќе достави Извештај за реализација на оваа програма до Владата на Република Северна Македонија со финансиски показатели и образложение на постигнатите резултати, до 28 февруари 2021 година.