ПОЧИТУВАНИ КОМИТЕНТИ

За првпат изгледа дека сите ќе ја разбереме прочуената мисла:

„Светот се прверте наопаку“

Ова се случува во вистинска смисла на зборот. Заглавивме сите во нешто што не очекувавме дека е можно да ни се случи со исклучително непознат непријател кој и покрај тоа што не може да се види со голо око сее неверојатна страв и неспокој, а за жал има човечки жртви.

Единствено што остана како непроменлива димензија е малициозноста на луѓето и спрема тие што добро ни чинат - гледајќи и во добрата намера зло. И ова се случува насекаде во светот, не сме ние исклучок , ниту почеток ниту крај. Ова ново време сите нас не замисли што, како и каде ја гледаме сопствената иднина, постојаната борба на секојдневието, животот таков каков што е во вистинска смисла на зборот. И додека едни се бориме да донесеме прогрес, напредок други секогаш ќе влечат наназад, ќе наоѓаат замерки и ќе го истураат целосното свое незадоволство врз тие што им се најмалку криви и што многу често им мислат добро. Затоа, не ни останува ништо друго туку да продолжиме понатаму, да веруваме дека ќе победиме и ќе ги надминеме сите проблеми што секојдневно ни се случуваат, промени кои не ги очекувавме како и желби за подобро утре.

Како и секогаш и во ова списание на Репрезент, струката е таа која го има целиот приоритет во било која ситуација. Првиот напис го посветуваме на новите финансиски поддршки за справување со последиците од кризата предизвикана од коронавирусот за да продолжиме стручно со МСФИ 5 - Нетековни средства кои се чуваат за продажба и прекинато работење.

Од областа на даноците зборуваме за посредничкиот промет во системот на данокот на додадена вредност, а продолжуваме со надоместоци и други примања што ги остварува физичко лице за кои не се плаќа данок на доход.

Електронската трговија станува дел од нашето секојдневие се повеќе и нејзиниот чекор е незапирлив, па оттаму и ова е дел од нашите теми на овој Репрезент.

Од делот на деловното право зборуваме за раскинување или измена на договор поради променети околности, а за работните односи зборуваме во делот на подзаконските акти - Правилници согласно Законот за занаетчиство.

И покрај овие теми имаме уште мноштво теми кои ги обработуваме како и кратки информации и со тоа уште еднаш покажуваме дека сите ние заедно Почитувани колеги сме професионалци, независно од условите во коишто работиме и живееме и тоа треба да остане единствено наше мото за да ја постигнеме целта, а тоа е донесувањето на нашата струка на она рамниште на коешто вистински заслужува да биде.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски