ПОЧИТУВАНИ КОМИТЕНТИ

Ова е време - невреме.

Сите пробуваме да се снајдеме и стравуваме како ќе изгледа и кога ќе помине вирусот којшто го зафати целиот свет и кој ни покажа колку сме мали и ранливи.

Оваа ситуација во која се најдовме за жал го зафати целиот свет и греота е да се бараат виновници, но идните генерации сигурно ќе не запаметат по тоа како сме се снашле и како сме ја решиле оваа криза.

Ни останува само да Ви посакам добро здравје, тоа е најважно од сè. Здравјето мора да биде физичко, но и ментално и да не дозволиме да делува на нас како што никој од нас не посакува, да го задржиме духот и да го работиме тоа што најдобро знаеме да го работиме, да бидеме професионални и максимално посветени на занаетот којшто низ годиниве ни донесе многу радост како и нормално разочарување, но сепак не одржа сите овие години.

Да се приклучиме на новото време, со цел да го намалиме користењето на хартија и да го намалиме ризикот од ширење на коронавирусот, списанието Репрезент додека трае пандемијата на коронавирусот ќе го добивате по електронски пат.

Овој број на Репрезент го започнуваме со мерките за превенција и заштита од ширење на коронавирусот како и мерките за справување со последиците по економијата кои за жал сеуште се недоволни за македонското стопанство.

Продолжуваме со секојдневието и од сметководствен аспект ги обработуваме дивидендата и другата распределба на добивката за 2019 година. За жал, мал број на компании ќе донесат Одлука за распределба на добивката за дивиденда, односно Одлука ќе донесат само оние компании кои остварија добри финансиски резулатати за 2019 година и во овие вонредни услови продолжуваат да остваруваат добри финансиски резултати. Компаниите заради новонастанатата состојба најверојатно ќе одлучат за свои потреби да состават периодични пресметки за покртатки временски периоди и врз основа на анализа на овие периодични пресметки да утврдат колкави се негативните последици врз нивното работење.

Од областа на даноците Ви даваме за прометот кон даночните обврзници резиденти во странство кои не се предмет на оданочување со ДДВ во согласност со законската регулатива, како и за пресметка на данокот на моторни возила.

Ова списание го завршуваме со нов грански колективен договор за органите на државната управа, стручната служба на Владата на РСМ, судовите, јавните обвинителства, државното правобранителство, општините, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на РС Македонија.

И уште еднаш, Почитувани колеги да Ви посакам пред сè добро здравје за Вас и Вашите најблиски да го пребродиме ова време - невреме, зошто само здрави понатаму ќе можеме да си помогнеме на самите себе, а со тоа и на компаниите во коишто работиме и од коишто живееме.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски