Почитувани комитенти!

 

Време на грипови и за жал време на годишни сметки истовремено. Каде имаме премногу работа таму и сите сме десеткувани од епидемијата на грипот која не зафати изминатиов месец. Но, не ни е првпат да сме во ваква ситуација, па оттаму верувам ќе си ја завршиме работата со многу умеење и професионалност и уште еднаш ќе ја покажеме сопствената вредност во општеството.

Како што сте Вие професионалци, така и ние продолжуваме професионално и со многу респект кон сето она што ни се случува со секојдневното работење.

Овој број на Репрезент го започнуваме со Консолидираните годишни сметки и Консолидираните финансиски извештаи за 2019 година. Продолжуваме со темата за која често поставувате прашања, а тоа е уредување на земјиштето околу деловниот објект, како сметководствено треба да се евидентира и каков е даночниот третман на овие вложувања.

Обврзниците на данокот на доход од самостојна дејност имаат обврска да водат деловни книги и тоа по системот на двојно или просто книговодство. Со новиот Правилник за водење на деловни книги пропишани се деловните книги по системот на просто сметководство за обврзниците на данокот на доход од самостојна дејност кои треба да ги водат почнувајќи од 1 Јануари од 2020 година.

Во делот на даноците ја обработуваме постапката за ослободувањето од ДДВ за промет на добра и услуги за проекти финансирани од странски донатори и проекти финансирани од ИПА фондот.

За работните односи овој пат, опфатена е темата на заштита за повозрасни лица и пензионирање на вработени.

Буџетите и буџетските корисници се овој пат застапени со плаќањето аконтации на данок на добивка за 2020 година за буџетските корисници кои остваруваат приходи од вршење на стопанска дејност, а за банките и штедилниците ја обработуваме методологијата за управување со ризиците.

На крајот, Почитувани колеги, да Ви посакам здравје пред се, зошто тоа е најважно за да можеме да си ја завршиме работата и да може да издишеме сите по 15-ти Март задоволни и среќни од постигнатото и полека да продолжиме со обврските кои ги имаме за тековната година.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски