Почитувани комитенти!

 

Специјален период за сите нас кои живееме и работиме во струката која ја сакаме. Ова е времето кога се покажува нашето знаење, ова е времето кое ја покажува целата наша зрелост, а воедно и способност да се справиме со се и да ја изготвиме годишната сметка и финансиските извештаи, како круна на нашето целогодишно работење.

Во тој правец се одвиваат и Континуираните професионални усовршувања во овој период од годината, безбројните јавувања од Ваша страна и прашања, како и искажувањето и на нашата професионалност со давањето на одговори на сите ваши поставени прашања.

Тоа го потврдуваме и со ова списание каде започнуваме со темата за финансиските извештаи за 2019 година. Средните и големите друштва имаат обврска да ги поднесат финансиските извештаи заедно со годишната сметка. Продолжуваме со Извештајот за паричните текови кои даваат одговор на прашањата колку пари во текот на годината се генерирани од активностите на друштвото и каде и на каков начин се истите потрошени.

Од даноците ја обработуваме темата на оданочувањето на услугите со ДДВ за адвокати, извршители и управители на станбени згради чија заедничка карактеристика е што најчесто извршуваат промет во туѓо име и за туѓа сметка, односно за истиот не се ниту доверители, ниту должници.

Платите и надоместоците, како и параметрите за пресметка на плата и минимална плата со почетокот на секоја година се објавени од страна на Државниот завод за статистика и истите се користат како основа во текот на целата година. За работните односи ја обработуваме темата за вработувањата со полно и скратено работно време, пред се за оние дејности кадешто вработувањата како и лиценците се основа за вршење на претежна дејност.

На крајот завршуваме со банките и тоа за заштитните слоеви на капиталот кои се потребни за прикажување на нивното портфолио, а за буџетите и буџетските корисници го обработуваме сметководственото евидентирање на нематеријални средства.

И уште еднаш да Ви посакам со лесно, занатски, филигрантско одработени годишни сметки и финансиски извештаи, на сите Вас, што искрено и со цело срце заедно со нас се борите за струката, за нашата иднина, за сето она што го прави нашиот живот поубав и посреќен.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски