Почитувани комитенти,

Пандемијата си го чини своето. Едноставно во чудно, за нас тотално непознато време живееме. Се трудиме да се снајдеме, но за жал гледаме дека покрај снаоѓањето ќе треба да го прифатиме, а со тоа и да се помириме. Само така, со помалку нервоза, стрес, ќе успееме да го надминеме ова што сега ни е чудно, а истото сериозно не влече кон некое ново секојдневие. Како и Вие, така и ние се прилагодуваме, не ни е лесно како што и Вам не ви е, но само со многу трпеливост, отворен ум и меѓусебно поддржување имаме шанси да го надминеме проблемот на прифаќање и доаѓање на новото време.

Рафајловски консалтинг уште на почетокот на пандемијата, во времето на карантин одржа два бесплатни онлајн вебинари за да Ви помогнеме да се снајдете со мерките кои ги носеше Владата, а со тоа и со новонастанатата ситуација.

Продолжуваме понатаму,

Ја намаливме цената на претплатата на исклучително поволна или кратко кажано најефтина и за само 9.500 денари со вклучен ДДВ ќе ги добиете досегашните услуги на печатени и електронски списанија Репрезент, електронски Р-Регистар, Електронска збирка на прописи, постојана е-mail комуникација и информирање за се што е ново како и кратките телефонски информации при секојдневната наша комуникација. Нашиот тим продолжува да се грижи за Вас почитувани колеги, претплатници, сите Вие што сакате заедно со нас да го пребродиме ова ново време и да излеземе како победници од целата приказна.

Како се кажува оддамнина „животот продолжува понатаму“!

Така и ние во новиот Репрезент започнуваме со темите за финансиската поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност како и финансиската поддршка за работодавачите заради исплата на плати за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

Продолжуваме со приходи од употреба на сопствени производи, стоки и услуги и попис на средствата и обврските за 2020 година. Ги обработуваме Измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, а за работните односи Ви даваме за задолжителната евиденција од областа на трудот на работодавачите.

За банките ги обработуваме специфичностите при пописот и продолжуваме со истите кај друштвата за осигурување и реосигурување.

Уште еднаш, посакувам што поскоро да измине здравствената криза, а воедно сите ние полесно да ја прифатиме новата реалност и се прилагодиме на истата.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски