Почитувани комитенти!

 

Ја започнавме годината работно, но сепак уште еднаш да Ви честитам Среќна Нова година, како и Божиќни празници!

И годината дојде, ама Законот за вршење на сметководствени работи никако. Ниту нешто да промениме, ниту да помрднеме. Како што би кажале кинезите во можеби најстарата поговорка: Се е како што треба да биде! зошто не дај боже ако нешто се случеше, па макар и позитивно од изненадување не ќе бевме во можност ни годишната сметка да ја изготвиме.

Вака што е сигурно е сигурно, ние ќе си продолжиме стручно да работиме и помагаме, а Вие да ги изготвите годишните сметки и предадете навремено со успех и со лесно.

Како што и веќе најавив, првото списание како и секогаш го започнуваме со теми коишто се актуелни за овој период.

Започнуваме со обезвреднување на побарувањата од купувачите кадешто ненаплатените побарувања се сметаат за заробени парични средства кои не вредат како првиот ден кога побарувањето е настанато, па друштвото има обврска да процени дали постојат објективни докази за да се изврши нивно соодветно обезвреднување.

Даноците ги започнуваме со новиот Закон за акцизи кој стапи во сила на 1 Јануари 2020 година, како и оданочувањето на доходите од закуп и подзакуп согласно враќањето на мерката за рамен данок кој минатава година беше променет, па продолжуваме со роковите за поднесување на даночно ослободување за воведување на фискален систем на опрема, како и за годишниот извештај за уплатениот данок по задршка за 2019 година.

Даночната сфера ја завршуваме со осигурувањето на живот низ призмата на Законот за данокот на добивка и Законот за данокот на личен доход.

Од аспект на плати и надоместоци ја обработуваме темата на бонус и 13-та плата и од сметководствен и од даночен аспект.

Продолжуваме со застареност на побарувања како и со постојаните написи за боледување како право и обврска на работникот и работодавачот.

Осигурителните компании ги покриваме со измените на Правилникот за контен план, а буџетите и буџетските корисници со остварување на правото на надоместоци согласно законската регулатива.

И на крајот, главата горе. Ние сме професионалци и покрај сите препреки и перипетии сигурни сме дека ќе останеме тоа, како што сме сигурни дека струката којашто ја работиме и од која живееме е таа што ни носи и ќе ни донесе успех и просперитет во животот.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски