ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА СО ВАУЧЕРИ ЗА ТУРИЗАМ НА ВРАБОТЕНИ ЛИЦА СО НИЗОК ДОХОД

Со цел да се поттикне домашниот туризам во услови на намалена економска активност заради здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19, Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за издавање на ваучери за туризам на вработени лица со низок доход заради поттикнување на домашниот туризам за време на вонредна состојба („Службен весник на РСМ“, број 140/20, во натамошниот текстУредба за ваучери за туризам).

Уредбата за ваучери за туризам е во сила од 30.05.2020 година.

Во член 2 од Уредбата за ваучери за туризам, дефинирани се одделни изрази кои имаат следно значење:

1.  Вработени лица со низок доход“ се државјани на РС Македонија кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи (во натамошниот текст: „корисници на ваучери за туризам“).
2.  Вршители на туристичка дејност се резидентни трговски друштва, трговци поединци регистрирани во соодветен регистар за вршење на туристичка дејност и угостителска дејност за сместување и/или сместување и исхрана, и физички лица регистрирани во регистарот за сместување и/или сместување и исхрана што го води градоначалникот на општината, а во градот Скопје во регистарот што го води градоначалникот на општината во Градот Скопје на подрачјето на таа општина во Градот Скопје, туристички агенции и туристички бироа (во натамошниот текст: „даватели на туристички услуги“).
3.  Угостителските објекти за сместување се:
•   хотели, мотели, пансиони, резиденции, хотелски населби, апартмански населби и туристички населби и
•   ноќевалишта, гостилници, кампови, приватни сместувачки капацитети (соби, апартмани, станови, куќи), одморалишта (за деца, младинци, работници, лица со попреченост и слично), други комплементарни објекти (феријални домови, планинарски и ловни домови и куќи и објекти за привремено сместување).
4.  Ваучер за туризам е вредносен ваучер со номинална вредност од 6.000 денари издаден од Министерството за економија, кој се користи за добивање на туристички и угостителски услуги за сместување или сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти преку даватели на туристички услуги. Ваучерот за туризам гласи на име и презиме на корисникот на ваучерот и содржи единствен QR код, пин код, ваучер код и рок на важење на ваучерот, како и други корисни информации и инструкции за употреба.
5.  Искористен ваучер за туризам е ваучер кој давателот на туристички услуги го евидентирал како употребен преку интернет-платформата www.domasiedoma.gov.mk или www.pushimenevend.gov.mk

1.    ЛИСТА НА КОРИСНИЦИ НА ВАУЧЕРИ ЗА ТУРИЗАМ

Управата за јавни приходи изготвува листа на корисници на ваучери за туризам, ја доставува до Генералниот Секретаријат на Владата на РС Македонија, а Генералниот секретаријат на Владата на РС Македонија ја доставува до Министерство за економија.
Листа на корисници на ваучери за туризам ги содржи следниве податоци: име и презиме, ЕМБГ, адреса на живеење и емаил адреса. Листата може да содржи и податоци за телефонски број за контакт, општина, регистарски број на лична карта, надлежен орган кој ја издал и датум на важење на личната карта.
Податоците од Листата на корисници на ваучери за туризам се доставува и презема во   криптирана   форма   согласно   со   прописите   за   заштита   на   личните   податоци. Собирањето, обработката и чувањето на личните податоци содржани во Листата на корисници на ваучери за туризам согласно со прописите за заштита на личните податоци.

2.    ВИСИНА, НАМЕНА И РОК НА ТРАЕЊЕ НА ВАУЧЕРИ ЗА ТУРИЗАМ

Министерството за економија, ваучерот за туризам им го испраќа на лицата корисници на ваучери за туризам преку емаил адресата, а може да го преземат и испечатат ваучерот за туризам и преку интернет платформата www.kupuvamdomashno.gov.mk со внес на својот ЕМБГ.
Ваучерот за туризам може да се користи за добивање на туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти од 15.07.2020 до 15.12.2020 година кај давателите на туристички услуги објавени на интернет платформата www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk.

Ваучерот за туризам во износ од 6.000 денари се користи:
•   за еднократен престој кај давател на туристички и угостителски услуги, без можност за прекинување и делење на престојот и користење на повеќе услуги со различна цена, и
•   само од лицето на чие име и презиме гласи издадениот ваучер.

Ако вредноста на туристичката или угостителска услуга која се плаќа со ваучерот за туризам е помала од 6.000 денари ќе се смета дека ваучерот е целосно искористен. Ако вредноста на туристичката или угостителска услуга е поголема од 6.000 денари, разликата над овој износ ја доплатува корисникот на ваучерот за туризам.
 
3.    ДАВАТЕЛИ НА ТУРИСТИЧКИ УСЛУГИ

Давателите на туристички услуги најдоцна до 30 Јуни 2020 година до Министерството за економија треба да поднесат барање за стекнување со статус на давател на туристички услуги.

Барањето треба да содржи: назив на давателот на туристички услуги, име и презиме на застапникот по закон, односно име и презиме на физичките лица регистрирани за сместување, адреса на давателот на туристички  услуги   и   адреса   на   угостителските  објекти   за   сместување,  општина, телефонски број, емаил адреса, број на соби, ЕДБ, ЕМБС, трансакциска сметка на давателот на туристички услуги на која ќе се исплаќа вредноста на искористените ваучери за  туризам  и  прилог  тековна  состојба  од  Централниот регистар,  решение  за категоризација, односно решение за упис во соодветен регистар.
Со поднесување на барањето, истовремено давателот на туристички услуги прифаќа формуларен (типски) договор поставен на интернет страната на Министерството за економија кој содржи изјава во е-форма дека давателот туристички и угостителски услуги е запознаен и ги прифаќа условите од објавениот договор.
Министерството за економија активира интернет платформа за даватели на туристички услуги и категоризираните угостителски објекти за сместување и/или сместување и исхрана преку која ќе го поднесат барањето за давање на туристички и угостителски услуги на корисниците на ваучери за туризам.
По одобрување на барањето, давателите на туристички услуги ќе бидат објавени на интернет платформата www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk и ќе бидат известени за одобрувањето на барањето и објавата на интернет платформата со прилог на единствен ПИН код, сметка со корисничко име и лозинка за влез на платформата.
Преку интернет платформата www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mkдавателот на туристички услуги го евидентира ваучерот за туризам како искористен со внесување на ознаките на ваучерот и валидирање со ПИН кодот или со скенирање на QR кодот.
Министерството за економија врши исплата на давателите на туристички услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за искористените ваучери за туризам евидентирани од давателите на туристички услуги.
Исплатата се врши почнувајќи од 5-ти во тековниот месец за претходниот месец, освен исплатата за искористените ваучери за туризам во период од 1.12.2020 до 15.12.2020 година која ќе се изврши најдоцна до 25.12.2020 година.
За искористените ваучери за туризам, на давателот на туристички услуги ќе му биде исплатена вредноста утврдена како производ на бројот на искористените ваучери за туризам и износот од 6.000 денари.
Давателот на туристички услуги има право на исплата само на ваучери за туризам кои биле евидентирани на интернет платформата www.domasiedoma.gov.mk или www.pushimenevend.gov.mk.

Злоупотребата и фалсификувањето на ваучер за туризам подлежи на казна согласно кривичниот закон.
Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите на Уредбата врши Државниот пазарен инспекторат согласно надлежностите утврдени со закон.