ПОЧИТУВАНИ КОМИТЕНТИ

Уште еднаш да Ви посакам добро здравје!

Во моментите на најголемата криза ние како компанија правиме сè за Вие да се чувствувате безбедно, информирано и заштитено. Тоа го покажавме со двата бесплатни вебинари (онлајн семинари) каде видовте дека може и вака да се ислуша целосен семинар, истиот да не биде електронски туку во живо, да можете активно да учествувате во истиот, да поставувате прашања и на истите да добиете конкретни одговори.

Ова на сите нам ни покажа дека и од рамките на сопственото работно место, па и од дома можете активно да учествувате, а Вашата регистрација и времетраењето на присуството да биде забележано, а со тоа и регистрирано. Ова покажува сосема нова димензија веројатно и нов правец и развој во областа на советувањата каде сум сигурен дека ќе го задржиме контактот во живо но и дека ќе го практикуваме и овој начин на виртуелна реалност или виртуелен контакт во живо кој може да ни донесе илјадници придобивки.

Среќни сме како куќа што Ви помагаме, тогаш кога Ви е најтешко и што вистински покажуваме дека постоиме заради Вас Почитувани претплатници.

Писмата на задоволство и пофалби ни се од огромно значење и Ви благодариме за истите, зошто и ние како и Вие се мачиме во овие новонастанати услови и затоа секоја поддршка ни значи.

Нормално е дека продолжуваме со секојдневното работење и еве веќе го добивате и мајскиот Репрезент во кој започнуваме со новата бескаматна кредитна линија за поддршка на претпријатијата погодени од коронавирусот, па понатаму со финансиската поддршка на работодавачите од приватниот сектор како мерка против економската криза, фондот за поддршка, донациите и на крајот со финансиската поддршка за спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортската организација.

Објавувањето на годишните извештаи и ревидираните финансиски извештаи се исто така составен дел на ова списание како и потврдувањето на Годишната даночна пријава за остварен доход во 2019 година од физичките лица - граѓаните на Република Северна Македонија.

Работните односи ги обработуваме со правото на годишен одмор и регрес кој годинава ќе претставува сериозен проблем за исплата на сите работодавачи, но и тој е дел од законската регулатива која сè уште е во сила. Од областа на осигурувањето ја обработуваме темата на застапници и брокери во осигурувањето, а буџетите и буџетските корисници ги опфаќаме со справувањето на државните органи и единици на локална самоуправа во време на коронавирусот.

Уште еднаш, да Ви се заблагодарам на довербата и на огромното присуство на вебинарите (онлајн семинарите) што ни покажа дека правецот кој сме го зацртале во ова ново време е вистински и сите Вие ни давате огромна поддршка за тоа.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски