Почитувани комитенти,

Без прослава, тивко, како и секоја вечер влеговме во Новата 2021 година. Изненадени од тишината, среќни што ја поминавме 2020 година, во надеж и очекувања за подобра 2021 година.

Чудна година измина, за жал таква не очекува и оваа година, со надеж дека нејзината втора половина ќе донесе повеќе радост, насмевка и елан за сето она што планиравме, а не го направивме изминатава, а посакуваме искрено и од срце да го направиме во Новата 2021 година.

Во текот на 2020 година, беа донесени повеќе Уредби со законска сила како времени мерки, но беа донесени и измени на повеќе законски прописи кои ќе имаат влијание врз подготовката на Годишната сметка и Финансиските извештаи за 2020 година.

Овој Репрезент го започнуваме со актуелностите кои не следеа минатата година, а првата е поврзана со финансиската поддршка. Поточно со пресметката на обврската за враќање на добиената финансиска поддршка и претворањето на обврската во грант кај работодавачите, како и со пресметката на обврската за враќање на финансиската поддршка за физичките лица кои вршат самостојна дејност.

Продолжуваме со новата Даночна пријава на данокот на додадена вредност, односно новиот Образец ДДВ-04. Од 1 Јануари 2021 година примателите на прометот на добра и услуги согласно член 32-а од Законот за ДДВ, ќе имаат обврска заедно со Образецот ДДВ-04 до УЈП да го доставуваат и новиот Образец ДДВ-ИПДО/П.

Даночната сфера ја продолжуваме со даночните ослободувања за донации во спортот, годишниот извештај за уплатен данок по задршка за 2020 година, роковите за поднесување на барања за даночно ослободување за воведен фискален систем на опрема како за друштвата така и за самостојните вршители на дејност.

За реално прикажување на финансиската состојба и финансискиот резултат на друштвото значајно влијание има и отписот на застарените обврски. Но, друштвото може обврската да ја трансформира во влог во друштвото, доколку ги исполни условите од Законот за трговските друштва.

Ова е година на исклучително фреквентни боледувања и од таа причина ја обработуваме темата на правата и обврските како на работникот така и на работодавачот при боледување од страна на работникот.

Уште еднаш, што полесно да го изминеме првиот дел од Новата 2021 година, време на неизвесност и вакцинација и со сериозно поголем елан, радост и насмевка да ја започнеме втората половина на враќање во она што досега за сите нас ни беше нормално.

Почитувани комитенти, Ве очекуваме на online советувањата за подготовка на Годишната сметка и финансиските извештаи за 2020 година кои Рафајловски Консалтинг ќе ги одржи на 27 Јануари, 3 и 10 Февруари 2021 година.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски