УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ЕСТРАДНИТЕ УМЕТНИЦИ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Почитувани,
 
Владата на РСМ во „Службен весник на РСМ“ бр.154/20 објави Уредба со законска сила за финансиска поддршка на естрадните уметници за време на вонредна состојба.
 
Со уредбата се уредуваат условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на естрадните уметници погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, за месеците април и мај 2020 година.

„Естраден уметник“ е лице кое учествува во создавање и интерпретација на изворна или современа и новокомпонирана музика и е член на Здружението на естрадни уметници на Македонија.
 
Предмет на финансиска поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари.

Корисник на финансиска поддршка може да биде естраден уметник-барател на финансиска поддршка, ако:
  • е државјанин на Република Северна Македонија;
  • не е вработен или ангажиран со договор на дело во друг правен субјект, според евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија;
  • не остварува други приходи по било кој основ за месеците април и мај 2020 година;
  • активностите во кои требало да учествува се откажани поради здравствено- економската криза предизвикана од Коронавирусот Covid-19, што го потврдува Здружението на естрадни уметници на Македонија и
  • во последните пет години остварил значајна музичка кариера, учествувал во интерпретација или создавање на изворна или современа и новокомпонирана музика, учествувал на врвните фестивали од областа во земјата, што го потврдува Здружението на естрадни уметници на Македонија.
Генералниот секретаријат, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, на својата веб страна објавува јавен повик за доставување барање за користење на финансиска поддршка на естрадните уметници согласно оваа уредба со законска сила.

Барателот на финансиската поддршка во рок од 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик, доставува барање до Генералниот секретаријат.

Кон барањето, барателот на финансиската поддршка доставува изјава за исполнетоста на условите согласно оваа уредба.

Финансиската поддршка од оваа уредба, не може да ја оствари естраден уметник кој е опфатен со Уредбата за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба, истиот е примател на пензија согласно  евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското  осигурување  на Република Северна Македонија, остварува други приходи по било кој основ и е опфатен со другите економски мерки на Владата на Република Северна Македонија за справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.