Предлог измени и дополнувања на Законот за данокот на добивка и Законот за данокот на личен доход

Почитувани,

Владата на РСМ на 17-тата седница одржана на ден 03.11.2020 година, го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, кој има за цел да ги уреди законските решенија во функција на поддршка на обврзниците во справувањето со последиците од коронавирусот КОВИД-19 и зголемување на нивната ликвидност.

Предлог-законот ги содржи следниве решенија:

  • Ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година за обврзниците кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на коронавирусот КОВИД-19;
  • Доуредување на непризнаените расходи за даночни цели, односно пропишување на одредби согласно кои премиите за доброволно здравствено осигурување (дополнително и приватно здравствено осигурување) на вработените лица, платените лабораториски тестови за КОВИД-19 ќе преставуваат даночно признат расход;
  • Подолг период на пренесување на загубата за обврзниците кои во текот на 2020 и 2021 година ќе остварат загуба од работењето;
  • Зголемување на прагот согласно кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка за 2020 година, односно ќе бидат ослободени од плаќање на данок на вкупен приход;
  • Зголемување на прагот согласно кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход во 2020 година, односно ќе имаат можност да се определат дали ќе плаќаат данок на вкупен приход или данок на добивка;
  • Укинување на условот за претходно покривање на загубата согласно Законот за трговски друштва, за да обврзникот има право да ја пренесе загубата во идните даночни периоди и
  • Доуредување на бројот на спортски субјекти на кои даночните обврзници може да им донираат финансиски средства и да го користат правото на намалување на пресметаниот данок на добивка.

Исто така во насока на имплементирање на донесените мерки од Пакетот 4 на Владата за справување со последиците од кризата со КОВИД-19, утврден е и предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, кој предвидува ослободување од обврската за плаќање на аконтациите на данокот на личен доход за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година, со што ќе се придонесе за подобрување на ликвидноста на обврзниците на данокот на личен доход по основ на остварен доход од самостојна дејност и полесно справување со последиците од ширењето на коронавирусот КОВИД-19.

Дополнително, со овој Предлог-закон е опфатен и предлогот за ослободување од оданочување на уплатенaта премиja за дополнително приватно здравствено осигурување; за платените тестови за КОВИД-19 и за трошоците за доквалификација и обуки на вработените од кои се очекува да придонесат за подобрување на животниот стандард и квалитетот на работата на вработените лица.