Почитувани комитенти,

Ајде аирлија нова влада. Се надевам дека после 11 месеци ќе запливаме во помирни води и дека нема повеќе да зборуваме за избори, нови избори, туку ќе се зафатиме за работа, зошто корона кризата ниту е завршена ниту се гледа повидок на крајот. Ова е време на несигурност, нестабилност, протоколи каде и онака веќе меѓу себе разделени уште повеќе се одалечивме и се затвораме во сопствениот круг на потреби, вистини и универзални вистини. Таквите не постојат, туку постојат само нашите ставови и стравови што сè може да ни се случи и ни се случува во овие изминати 7 месеци. Многу бизниси се сериозно погодени од оваа криза и нивното опоравување ќе оди тешко и долготрајно, а како што сите знаеме кога ќе дојде кризата на вратата кај комшијата многу често ќе дојде и на нашата.

Се надевам дека овој пат со новиот министер за финансии ќе најдеме разбирање и решавање на нашите потреби, а тоа е ИСОС, со што барем во нашиот дел, регулирано и мирно ќе продолжиме со секојдневното работење неоптеретени со дополнителни проблеми какви сега ги имаме.

Но, тоа е само надеж, а во реалноста ќе видиме како сè ќе се одвива.

Ние како професионалци кои до крај гледаат да Ви го олеснат ова тешко време продолжуваме со постојаните одговори на телефон, совети без кои многу потешко ќе работевте и оттаму сме горди што Ве имаме и што можеме да Ви помогнеме.

Првиот текст во новиот број на Репрезент го започнуваме со актуелна тема за специфичен вид на трговија, а тоа е продажба на добра од автомати, а потоа за вечната тема на компензација и цесија за наплата на побарувањата и обврските.

Во делот на даноците најнапред Ви даваме за актуелната тема за трансферните цени и обврската на даночните обврзници кои се поврзани лица со нерезиденти и кои минатата година оствариле вкупен приход над 300.000.000 денари, најдоцна до 30 Септември оваа година за првпат до УЈП да достават Извештај за трансферни цени. Понатаму за даноците, опфатени се и темите за надомест на штета од аспект на ДДВ и оданочувањето на доходот што го остварува физичко лице од авторски и сродни права.

Овој пат Ви даваме повеќе правни теми како што се: менаџерски договор и договор за работа и кои се разликите меѓу овие два вида договори; Законот за забрана и спречување вршење на нерегистрирана дејност и отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство.

Во делот на плати и надоместоци Ви даваме за начинот на пресметка на додатоците на плата: прекувремената работа, ноќната работа и работата во смени.

Завршуваме со некои специфични теми во работењето на банките, како и примената на активните и пасивните временски разграничувања кај различните сметководствени системи. На крајот да посакам што побрзо надминување на здравствената, а со тоа и економската криза и враќање на насмевките на сите нас.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски