ПРАВИЛНИК ЗА НАЧИНОТ НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ДАНОЧНОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ДАНОЧНИОТ ОБВРЗНИК КОЈ ДОНИРАЛ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА НА СПОРТСКИ СУБЈЕКТИ


Почитувани,

Во „Службен Весник на РСМ“ бр.126/19 се објави Правилникот за начинот на спроведување на даночното ослободување на даночниот обврзник кој донирал финансиски средства на спортски субјекти.

Со донесување на Правилникот се пропишува начинот на кој даночните обврзници ќе можат да користат даночни ослободувања согласно член 30-а од Законот за данокот на добивка за дадени донации на спортски субјекти.


Член 30- а од Законот за данокот на добивка предвидува дека, на обврзникот кој донирал финансиски средства на спортски субјекти, кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства, но најмногу до 50% од пресметаниот данок.

Согласно правилникот, по претходно доставено барање од страна на даночниот обврзник, Управата за јавни приходи врши проверка на расположливите средства од ваучерот. Доколку износот искажан во барањето е понизок или еднаков на расположливите средства од ваучерот, УЈП го потврдува барањето во рок од 15 дена. Доколку тој износ е повисок од расположливите средства од ваучерот УЈП го одбива барањето во рок од 15 дена.

Средствата од барањето за даночно ослободување за донирани финансиски средства на спортски субјекти кои УЈП ги потврдила, се резервираат до поднесување на известување за извршена донација.

Даночниот обврзник е должен во рок од 15 дена од приемот на потврденото барање од страна на УЈП, до УЈП да достави известување за извршена донација. Кон известувањето обврзникот доставува и доказ за извршена донација.

Во рок од 15 дена по доставување на известувањето и доказот за извршената донација од страна на давателот на донацијата, УЈП го потврдува или го одбива правото на користење на намалувањето на пресметаниот данок.

Официјалната листа на добиените ваучери по спортски клуб или други правни лица можете да ја погледнете на веб страната на Агенцијата за млади и спорт
http://www.ams.gov.mk/.