Почитувани комитенти!

 

Долгото и топло лето може да се каже дека завршува. Септември е месец во кој најмладите како првачиња тргнуваат на училиште. Нека им биде успешна годината.

 

Верувам добро се одморивте, бидејќи не чека доста работа и ни треба доволно сила и ние успешно да ги завршиме нашите обврски во вториот дел од годината.

 

Во второто полугодие, Рафајловски консалтинг ќе одржи две тематски единици за Континуирано Професионално Усовршување во Октомври и Декември по 16 часа, тоа значи 32 часа, со цел да им овозможиме на сите кои немаат доволно часови да ги надополнат за првиот период од 3 години, согласно Законот за вршење на сметководствени работи.

 

Очекуваме, конечно да се донесе и Новиот Закон за вршење на сметководствени работи за да се направи навистина ред во нашава професија.

 

Да продолжиме професионално, онака како што знаеме. Во овој број на списанието опфатени се многу актуелни теми: дел кои ни се неопходни во секојдневното работење, а дел се теми како подготовка за она што во иднина ќе мора да го применуваме.

 

Од сметководството, Ви даваме упатства со практични примери за дополнителните вложувања (последователните трошоци) за недвижности, постројки и опрема согласно МСС 16 и Одделот 17 од МСФИ за МСЕ, со што Ви овозможуваме доследно да ги примените овие стандарди, како и за Новиот МСФИ 15 - Договори со купувачи, кој ќе го применуваме откако ќе биде прифатен кај нас. Бидејќи станува збор за доста сложен стандард,  навремената подготовка ќе Ви овозможи полесна примена на овој стандард.

 

За даноците: Даночниот третман на давање добра без надомест, бидејќи во практиката често друштвата даваат добра без надомест на други физички лица како и на поврзани физички лица; за даночните ослободувања и олеснувања на доходот кој странските физички лица - нерезиденти го остваруваат во нашата земја, односно кои постапки и услови се потребни да бидат исполнети за да се применат договорите за одбегнување на двојното оданочување; како и за интернет игрите на среќа.

 

Актуелно е прашањето за практикантите, особено како да се пресметаат придонесите и кој нето надоместок треба да им се исплати на практикантите.

 

За работните односи, за работа ноќе и работа во смени, а за буџетските корисници на кој начин треба да ги проценуваат и евидентираат залихите согласно законските прописи.

 

Почитувани комитенти, Ве очекуваме на третата тематска единица од Континуираното Професионално Усовршување за 2019 година која Рафајловски Консалтинг ќе ја спроведе во Октомври.

 

 

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски