Почитувани комитенти!

 

Период е на летни одмори, кога по напорната работа заслужено треба да се одмориме, за да можеме да продолжиме со полн елан да ја извршуваме нашата работа, која со себе носи многу одговорности.

 

Временските прилики не ни се наклонети, од премногу топло, спарно па на моменти разладување што сепак ни помага за да не дишеме како на шкрги.

 

Но, како и да е треба максимално да го искористиме годишниот одмор, да заборавиме на секојдневните проблеми, да се дружиме со семејството, саканите и пријателите.

 

Иако е период на летни одмори, сепак законодавниот дом до отпочнување на годишниот одмор на пратениците продолжува да донесува измени на законите како и да донесува нови закони, а надлежните министерства да ги менуваат или да донесуваат нови подзаконски прописи. Тоа значи, мораме да бидеме информирани за се што е ново во законската регулатива која ја применуваме во нашето работење, а особено кога некој законски пропис се објавува во "Службен весник на РСМ" денес, а неговата примена започнува од утре.

 

За да не дозволиме, нашата неинформираност да ни нанесе штета во нашето работење. Ние како професионалци, во овој број на списанието Репрезент Ви даваме упатства за примената на новите Законски прописи и тоа најнапред за мошне актуелната тема за субјектите кои имаат намера да користат финансиска поддршка за инвестиции, согласно најновите законски измени кои се однесуваат на постапката, условите за остварувањето на финансиската поддршка, новите обрасци на барање, писмото за намера, деловниот план и друго, кои се во примена од 13 Јули 2019 година.

 

Во делот на сметководството Ви даваме за сметководствениот третман на трошоците за позајмување согласно МСС 23 и Одделот 25 од МСФИ за МСЕ; за сметководствениот и даночниот третман на работењето по системот "Лон доработки" како и за сметководствениот и даночниот третман на платежните картички, особено заради намалувањето на плаќањето во готово и тоа од 1 Јуни 2019 година најмногу до 500 евра во денарска противвредност.

 

Во делот на даноците, опфатени се темите: Оданочување на доход од продажба на сопствени земјоделски производи и тоа на правни лица, на други физички лица надвор од продажните места на зелените пазари и продажбата на зелените пазари. Понатаму Ви даваме за донациите на финансиски средства во спортот, согласно Законот за данокот на добивка и тоа: за постапката на користењето на даночното ослободување од страна на донаторите, како и условите, постапката и наменското користење на средствата од страна на спортските субјекти.

 

Новиот Закон за практикантство е особено актуелен, бидејќи голем број на стопански субјекти имаат интерес да ангажираат практиканти. Со оглед на дилемите кои настанаа во практичната примена на повеќе законски прописи, во написот Ви даваме кои се разликите меѓу практиканти и ученици и студенти на практична обука.

 

ПОЧИТУВАНИ КОМИТЕНТИ, на крајот од срце Ви посакувам годишниот одмор да го поминете најубаво, бидејќи на есен не чека многу работа..

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски