Почитувани комитенти!

 

Интересно време и уште поинтересна пролет. За првпат температурите не се пеколно високи во овој период на месец мај, туку напротив изобилуваме со дожд што е одлично за нашето земјоделие, а воедно и за да се исчисти и онака загадениот воздух кој го дишевме целата зима во нашата држава. Од друга страна пак, уште поинтересна политичка ситуација која се надевам за првпат ќе резултира со долгоочекуван економски развој во кој и ние сметководителите ќе влеземе со новиот Закон кој предолго чека во собраниските фиоки наместо да влезе во комисиите и на гласање во собраниската сала. Како велат старите, кој чека ќе дочека, ама кријат една вистина, дека и ќе се начека.

 

Да се вратиме на нашиот дел кадешто сме сигурно најдобри и најпрофесионални, а тоа се темите во ова списание и започнуваме со заемите од правен сметководствен и даночен третман.

 

Ќе продолжиме со факторинг како алтернативен модел на финансирање што одамна е познат во светот и се користи, а кај нас се користи поретко. Факторингот е систем кадешто вашите побарувања ќе ги преземе одредено друштво кое е регистрирано за тоа и врз основа на откуп на вашите побарувања наплатата ќе ја обезбеди факторинг друштвото, а не должникот.

 

Даноците ги започнуваме со оданочувањето на туристичките услуги од аспект на ДДВ, продолжуваме со Законот за регистрирање на готовинските плаќања, а ги завршуваме со специфичности во оданочувањето на доход остварен од физичко лице согласно Законот за данок на личен доход.

 

Надоместоците за службени патувања во странство, нивната пресметка и кои трошоци се прифаќаат при службените патувања се предмет на обработка на овој текст.

 

Работните односи ги започнуваме со новиот Законот за практикантство кој ги уредува правата и обврските на практикантот и работодавачот што треба да обезбедат поволност на двете страни, продолжуваме со банките и со управувањето на кредитниот ризик во банкарското работење.

  

За првпат по долго време имаме автентично толкување на законодавно правна комисија со која конечно се решија дилемите дали има данок на имот при трансформација на друштво согласно Законот за трговските друштва, со што конечно ќе се испочитува законската обврска општините трансформацијата да не ја сметаат како промет и да не го наплатуваат данокот на имот.

 

На дел од Вас кои милувате да го искористите месец јуни за годишен одмор да Ви посакам да се одморите, заборавите на секојдневните грижи и истиот да го искористите да се вратите насмеани и расположени.

 

Со почит

Др. Горан Рафајловски