Почитувани комитенти!

 

Прегрмевме уште едни избори, овој пат претседателски. Фала богу и тие поминаа.

 

Сега ни останува да очекуваме дека Законот за вршење на сметководствени работи конечно ќе помине во собраниските комисии и истиот ќе биде изгласан на Собрание. Не дека истиот е добар туку повеќе не може да се толерира нефункционирањето на Институтот и комплетната закоченост на нашата струка.

 

Не дај боже, ако продолжи ова уште малку, ќе бидеме на уште полошо рамниште од тоа на кое се наоѓавме пред неколку години.

 

Но, главата горе, очигледно е во македонскиот народ да мора секоја работа да ја донесе до граница на распаѓање за да истата понатаму се помрдне и тргне таму каде одамна требала да биде.

 

Но, ние да продолжиме професионално и стручно тоа што најдобро го разбираме да Ви бидеме Вам на услуга и стручно да Ви помогнеме во секојдневното работење.

Овој Репрезент го започнуваме со Законот за финансиска поддршка на инвестиции заедно со неговите предлог измени, а сметководството го започнуваме со објавување на Годишниот извештај и ревидираните финансиски извештаи.

 

Продолжуваме со Меѓународниот Сметководствен Стандард 17 и Одделот 20 од МСФИ за МСЕ, кадешто го обработуваме наемот или пак лизингот.

 

Даноците ги започнуваме со оданочување на капиталните добивки согласно Законот за данокот на личен доход, а од аспект на ДДВ го обработуваме местото на промет на услугите согласно членот 14 од Законот за ДДВ.

 

Правото на регрес и неговата исплата како и правото на годишен одмор е дел од работните односи, а продолжуваме со непрофитните организации за недоследностите во пропишаните сметководствени принципи и начела во законската регулатива која се однесува за нив и завршуваме со управување со кредитниот ризик како дел од банкарското работење.

 

Почитувани колеги, се надевам дека во следното обраќање веќе ќе имаме донесен Закон за вршење на сметководствени работи и по истиот ќе го започнеме она што одамна го очекуваме, а тоа е избор на новото раководство на Институтот за кое се надевам дека ќе успее да ги подобри состојбите во нашата струка и на сите ќе ни донесе повеќе мир и спокојство во работењето како и благосостојба.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски