Почитувани комитенти!

 

После топло лето, ни дојде уште потопла есен. Температурите во моментов, а денес сме 28 Октомври, верувам се едни од најтоплите во изминатите 20 години.

Да не кажам дека и на политичка сцена повторно започнаа игрите наречени „Предвремени избори“, по веќе не знам кој пат во изминативе 14 години.

Како и да е, да сме здрави и живи, по можност насмеани и посветени на тоа што го работиме и нас не интересира пред се регулирање, а понатаму и подигнување на нашата струка на посакуваното ниво. Тоа е можно само доколку сите заедно искрено посакаме да си помогнеме, да не завидуваме гледајќи во туѓиот двор, зошто како што вели старата поговорка работите секогаш подобро изгледаат кај комшиите отколку кај нас самите дома.

Рафајловски консалтинг е горд што Ве има Вас професионалци - сметководители, овластени сметководители и заедно со Вас е спремен да се бори за нашите заеднички интереси. Тоа го покажуваме секојдневно, заедно сите ние што се следиме, затоа без разлика на се што се случува, горд сум на сите Вас Почитувани Комитенти, за упорноста во желбата да направиме подобра иднина за нашите деца.

На кратко, во новиот Репрезент ги обработуваме темите за попис на средствата и обврските за 2019 година и евиденцијата за набавка и продажба на стоки и услуги во трговија на големо и мало.

Од даночен аспект, зборуваме за авансната дивиденда и нејзиниот третман, за проценките на даночните основи од страна на Управата за јавни приходи, за новиот Образец за пресметка и плаќање на данок на добивка при престанување на условите за даночно ослободување и продолжуваме со даночниот третман при покривање на загуба од акумулираната добивка во периодот од 2009 до 2013 година.

Во правниот дел ја обработуваме темата за обврските на работниците согласно договорот за засновање на работен однос.

Никогаш не ги забораваме ниту осигурителните друштва и банките за кои ја обработуваме темата за пописот за 2019 година, а истата тема ја обработуваме и за Буџетските корисници и единиците на локална самоуправа, а пописот го завршуваме со непрофитните организации.

И покрај тоа што е многу топло доаѓа крајот на годината, а ние мора сериозно да се подготвиме за истата, па оттаму и овој цел Репрезент е пред се посветен на пописот и сите специфичности кои произлегуваат од истиот.

И уште еднаш да Ви посакам мир, спокој и задоволство во работата, зошто само така ние што внимаваме на квалитетот и сме професионални ќе го дадеме најдоброто од себе.

 

Со почит,

Др. Горан Рафајловски