НАЈАВА ЗА ЗНАЧАЈНИ ИЗМЕНИ ВО ДАНОЧНАТА РЕГУЛАТИВА

Почитувани,

Министерството за финансии на одржаната прес конференција најави значајни измени во даночната регулатива.

Измените се во насока на:

Одлагање на прогресивното оданочување на личниот доход за период од 36 месеци

Примената на прогресивниот данок на личен доход се става во мирување за период од 36 месеци. Во овој период, доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти.
Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека стапка од 10 проценти ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.

Одлагање на оданочувањето на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност за период од 36 месеци

Со одлагање на оданочувањето, во новите измени на законот ќе се вклучат и уделите од инвестициските фондови кои со сегашното решение беа изоставени од оданочувањето. Се воведуваат 2 даночни стапки, зависно од периодот на поседување на хартиите од вредност и уделите, односно, стапка од 15 проценти за сите оние кои шпекулативно тргуваат на пазарите на капитал, односно истите ги држат кај себе до една година и стапка од 10 проценти со која ќе биде даночен доходот од капиталните добивки од хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, кои инвеститорите ги чуваат од 1 до 10 години.
Ослободени од овој данок ќе бидат долгорочните инвеститори кои хартиите од вредност и уделите издадени од инвестициски фонд ги чуваат повеќе од 10 години од денот на продажбата, но и хартиите од вредност стекнати од иницијална јавна понуда, со цел охрабрување на компаниите за првично отварање кон јавноста преку издавање на акции по пат на иницијална јавна понуда.

Одлагање на оданочувањето на камати од депозити за период од 36 месеци

Со новите Законски измени кои треба да следат од 1 Јануари 2020 се одлага и оданочувањето на каматите на депозити за период од 36 месеци. Согласно одржаната прес конференција на МФ, одлуката за одложување се базира на потребата од нормативно доуредување за известување од страна на банките и штедилниците, како и поедноставување на администрирањето на данокот преку предностите што ги овозможува технологијата.

Зголемување на прагот за регистрација за ДДВ

Прагот за регистрација за ДДВ се зголемува од 1 милион денари на 2 милиони денари.
Дополнително Министерството за финансии ќе предложи промена на периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот да се скрати на три години од тековните пет години.