ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ


Почитувани,

Во „Службен Весник на РСМ“ бр.124/19 се објавија измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност.

Со измените и дополнувањата:

1. Во член 23, се додаваат два нови става врз основа на кои, од данок на додадена вредност се ослободуваат:

  • услугите кои се вршат кон високообразовните установи со цел да се обезбедат услови за стекнување способности и вештини за вршење на научно-истражувачка дејност, вклучувајќи и менторирање за изработка и одбрана на магистерски или докторски услуги;
  • Услуги на научно истражувачка дејност согласно со Законот за научно-истражувачката дејност.

Исто така во член 23, се менува став 1 точка 17 која ги опфаќа образовните услуги. Со дополнувањата се допрецизира вршењето на услуги за образование и воспитување на деца и младинци на кој се додаваат и услугите на училишно и универзитетско образование.

Напомена: Прометот на добра и услуги опфатени во член 23 се ослободени од ДДВ без право на одбивка на претходниот данок.

2. Во член 30 се додаваат нови добра кои подлежат на оданочување со повластена даночна стапка од 5% и тоа:

  • Лекови за ветеринарна медицина
  • Топлинска енергија за греење

3. Во член 48 се дополнува став 2 со кој на членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни преставништва кои не се државјани во земјата или немаат постојано престојувалиште во земјата им се одобрува враќање на данокот на додадена вредност согласно условите од член 48 од Законот.

4. Во член 51 - „Регистрација“ се додава нов став 13 кој гласи:

  • На барање на даночниот обврзник, надлежниот даночен орган ќе изврши прекинување на регистрацијата кога во секоја од двете претходни календарски години даночниот обврзник поднесува даночни пријави со вкупен промет кој не го надминува износот од став (1) од членот 51 (1.000.000 денари) и во секој од двете претходни календарски години во даночните пријави нема искажано претходен данок за одбивање.