ЗАКЛУЧОЦИ ОД КОНСУЛТАТИВНИОТ СОСТАНОК ОДРЖАН ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ НА 05.10.2018 година


Почитувани,

 
Пред се сакаме да искажеме огромна благодарност до Министерството за финансии што не повика на консултативниот состанок кој што се одржа во интерес на подобрување на Нацрт Законот за вршење на сметководствени работи, кој е објавен на страницата на ЕНЕР со цел носење на сериозни решенија кои ќе значат унапредување на нашата струка.
Исто така, сакаме да се заблагодариме на конструктивноста на сите присутни сметководители и овластени сметководители, консалтинг куќи како и претставниците на Комората на сметководители на Македонија, професорите од Економскиот факултет како и на сите други здруженија и поединци присутни на состанокот, заради тоа што се покажа, дека заедно, со исти погледи сме каде и како треба да се развие нашата струка, и кои се правците што треба да ги поплочиме за да го добиеме тоа што постојано го бараме, почитување за нашата професионалност и чесност во работењето.
Од сите присутни се заклучи дека треба да се овозможи на струката сама да раководи со Институтот на сметководители и овластени сметководители и контролата и надзорот на Министерот колку и да е со добра намера, да биде до онаа граница каде што нема да претставува пречка за зачленување на нашиот Институт во IFAC. Нашиот предлог е тоа да биде независна комисија формирана од Министерството која ќе го контролира и ќе врши надзор на работењето на Институтот, но и нема да има право да се меша во неговото работење и во носењето на неговите одлуки.
Побаравме одложување на објавениот Нацрт закон и повлекување од Енер за период од 6 месеци, за да се направат работни групи претставени од сите нас коишто ќе ги додефинираат новите законски одредби пред објавување на новиот Закон.
Еден од предлозите и заклучоците беше дека постоењето и работењето на досегашниот Институт мора да продолжи и Министерството мора да ги откочи сите процеси и да обезбеди функционирање на Институтот како во период од 6 месеци до носење на новиот Законот, ќе се организираат избори за нови членови на Собрание, Надзорен одбор, Управен одбор и Претседател на Институтот.
Сите присутни на овој состанок како и претставниците на Министерството се согласија дека започнатите обуки за КПУ се сложен и долготраен процес кој не смее и не може да сопре и истиот мора да заврши во циклусот од 3 години согласно досега предвидените законски одредби од 90 часа за овластени сметководители и 60 часа за сметководители.
Заклучокот на сите е дека Институтот треба да е здружение (непрофитна организација), а не трговско друштво и истото треба да се занимава со издавање и одземање на уверенија за сметководители и овластени сметководители, работи на превод и тековно ажурирање на Меѓународните Стандарди за Финансиско Известување, да организира меѓународни симпозиуми како и да организира посета на симпозиуми во странство и други активности.
Останатите наши предлози за подобрување на Нацрт Законот за вршење на сметководствени работи во писмена форма се доставени до Министерството за финансии, а еден од понудените предлози е и вклучување на Тарифник за минимални цени за сметководствени услуги на начин како е тоа уредено како кај адвокатите, со што ќе си го вратиме сопственото достоинство при секојдневното работење, а со тоа ќе имаме и поголема обврска да ги запазиме професионалните стандарди на работење како и Кодексот за етика кој веќе го имаме усвоено.
Уште еднаш огромна благодарност до сите за заемно укажаната почит за желбата за изработка на подобар закон и покажување на тоа дека нашата фела има сила да биде едно тело и заеднички сплотено да донесеме решенија кои на сите нас најмногу ни одговараат.
 
Со почит
Рафајловски Консалтинг