Почитувани комитенти!

 

Пред се сакам да Ви се заблагодарам за масовната посетеност на Континуираното Професионално Усовршување што го одржавме во месец мај и јуни. Тоа уште еднаш покажува дека најголемиот дел од Вас имаат капацитет и сакаат да помогнат оваа наша професија да се помрдне од точката кадешто се наоѓа со години.

Да продолжам во тој правец:

Се подготвува измена на Законот за вршење на сметководствени работи пред се во правец кој за прв пат ќе ни помогне да ја поставиме струката таму кадешто и е место.

1.   Се планира воведување на електронско гласање на сите коишто поседуваат Уверение, за избор на членови на подружниците, Собранието, Надзорниот одбор и Управниот одбор како и Претседателот на Управниот одбор. Ова ќе овозможи исклучителна транспарентност во гласањето и преземање на Нашата иднина во Наши раце.

2.   Ќе се укине проверката на знаење која беше задолжителна за сите кои поседуваме Уверение за сметководител и овластен сметководител.

3.   Уверението за сметководител и овластен сметководител ќе помине во трајно и истото ќе се дели на активно и пасивно.

-    Под активно Уверение ќе се смета она Уверение чии што носител ги исполнил сите обврски предвидени со законот како што се: плаќањето на членарина, осигурувањето од штетни дејствија, обврската за КПУ како и активно учество во Институтот согласно пропишаниот нов Правилник за работата на истиот.

-    Под пасивно Уверение ќе се смета она Уверение чие што лице не ги исполнило горенаведените обврски и за негово активирање ќе биде потребно да достави Пријава до Институтот и одобрение од страна на истиот по правила коишто ќе се пропишат во НОВИОТ Правилник за работа на Институтот.

Издавањето на акредитациите за одржувањето на КПУ ќе се врати повторно во рацете на Институтот, којшто ќе има обврска да ги почитува веќе зададените правила за акредитирање на куќите како и проверка на истите за начинот и квалитетот на којшто го одржуваат истото.

Ќе се воведат строги правила за контрола на работењето, како и комплетна контрола на потписниците на Годишната сметка и даночните пријави од страна на Институтот и надлежните органи.

Ќе се пропише рок за подготовка за прием на Институтот како членка на IFAC, со што ќе се создаде уште поголема основа за просперитет и напредок на нашата струка.

Од тие причини уште еднаш да Ви апелирам:

Ве молам да си ги исполните обврските согласно Законот за вршење на сметководствени работи, да не дозволите Вашето Уверение да помине од активно во пасивно, за да имате можност на престојните избори кој ќе се одржат во месец септември да гласате, а со тоа да учествувате во креирањето на Нашата заедничка иднина!

 

Со почит

Д-р Горан Рафајловски