Почитувани комитенти!

 

Привилегија е да можам да Ви се обратам на сите и да Ви честитам Среќна Нова година како и Божиќни празници. Да Ви посакам пред се здравје, многу среќа и насмевки и успех во Новата 2019 година. Ви посакувам желбите да Ви станат реалност, а тешкотиите леснотија и да не ги приметите во секојдневното работење.

 

Една од најголемите заеднички желби е Новиот Закон за вршење на сметководствени работи, да ни го истрасира патот кон подобро утре, утре во кое ние ќе го добиеме заслуженото место во општеството, утре во кое младите со задоволство ќе ни се приклучуваат кон професијата и во неа ќе гледаат светла иднина.

 

Затоа 2019 година сметам дека е клучна пресвртница на сите нас што професионално и со љубов ја работиме оваа струка долги години и на сите оние што сакаат да ни се придружат и да станат дел од карванот кој ќе има сериозно место и значење во нашето општество.

 

Како што гледате ние продолжуваме професионално, со многу труд, знаење и елан со Континуираното Професионално Усовршување и наша најголема верификација за тоа што го работиме е Вашето присуство што ни покажува дека не само што вреди да се бориме за нашата професија која сигурен сум дека ќе ни донесе подобро утре!

 

Во последното, декемвриско списание, започнуваме со Меѓународниот Сметководствен Стандард 40 и Оддел 16 од МСФИ за МСЕ. Ги обработуваме вложувањата во недвижности кои генерираат парични текови што се во голема мера независни од другите средства кои ги поседува друштвото. Продолжуваме со третманот на разликите по пописот за да се утврди реалната состојба на средствата на субјектот од кој произлегуваат разликите што задолжително треба да се книжат во сметководството под 31 Декември 2018 година.

 

За даноците пак ја обработуваме ДДВ пријавата за последниот даночен период во 2018 година, а продолжуваме со плати и надоместоци во коишто ги обработуваме бонусите и 13-та плата како и Предлог измените на Законот за придонеси, заштита на повозрасните работници и нивното пензионирање, а не ги забораваме ниту банките и штедилниците, ниту осигурителните друштва.

 

И на крајот, уште еднаш да Ви посакам Среќна Нова 2019 година, честити и среќни Божиќни празници и да Ви се заблагодарам за долгогодишната доверба и да посакам и во иднина да продолжиме цврсто и заеднички да ја создаваме Нашата иднина.

 

Со почит

Д-р Горан Рафајловски