Почитувани,

Во Собраниска процедура е предлог за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи каде поблиску се пропишуваат начинот, условите како и предметите за полагање на испитите за сметководител и овластен сметководител.

Согласно предлог измените испитот за сметководител или овластен сметководител се состои од два дела и тоа:

Прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите, и

Втор дел (практичен пример), со кој се проверува способноста од областа на сметководството и примената на прописите во практиката.
 
Првиот дел од испитот се полага писмено по електронски пат, со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер.

Првиот дел од испитот за сметководител се полага по предметите:
 
  • Финансиско сметководство
  • Финансиско известување
  • Деловно право, даночен систем и професионална етика

Првиот дел од испитот за овластен сметководител се полага по предметите:
 
  • Финансиско сметководство
  • Финансиско известување
  • Управувачко сметководство
  • Финансиски менаџмент
  • Информациони системи
  • Ревизија и системи на внатрешна контрола
  • Деловно право, даночен систем и професионална етика

Вториот дел на испитот за сметководител, односно овластен сметководител се состои од:
  • Практичен пример и 
  • Прашања кои треба кандидатот да ги одговори врз основа на анализа на практичниот пример или задачи кои треба кандидатот да ги реши врз основа на анализата на практичниот пример.

Испитот за сметководител или овластен сметководител започнува со полагање на првиот дел на испитот за сметководител или овластен сметководител. Вториот дел од испитот се полага во рок најмалку 15 дена по успешното полагање на првиод дел од испитот.
 
Првиот дел од испитот се полага по секој од предметите кои се наведени за сметководител или овластен сметководител со дадени пет опции за заокружување од кои едната е точна, две се слични, и две се неточни.

Полагањето за вториот дел се врши со проучување на практичен пример од областа на предметот и одговарање на  прашања или решавање на задачи кои кандидатот треба да ги одговори, односно реши врз основа на практичниот пример, во вид на електронско софтверско решение. Задачите кои се составен дел на вториот дел од стручниот испит се решаваат писмено на хартија.

Повеќе околу одредбите на овие предлог измени на Законот можете да прочитате преку преземање на Предлог измената на следниот линк (преземи)