Почитувани,

 
Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија на својата веб страна објави известување со кое ги повикува сите вршители на дејност на сметководствени работи да поднесат барање за стекнување со лиценца за работа како навремено би биле регистрирани. Ова е со цел усогласување на web апликацијата со Централен Регистар на РМ и УЈП а во врска со достава на Годишната сметка и ДБ за 2017 година.

Во прилог Ви го доставуваме известувањето во целост:

Се повикуваат сите вршители на дејност, сметководствени работи согласно Законот за вршење на сметководствени работи најдоцна до 30.09.2017 да ги достават потребните документи заради навремено стекнување со лиценца за работа и навремено усогласување на web апликацијата со Централен Регистар на РМ и Управата за јавни приходи, а сходно достава на Годишна сметка и ДБ за 2017 година.

Потребно е согласно член 21 од Законот за вршење на сметководствени работи да ги достават следните документи поради тоа што Трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи може да врши сметководствени работи по добивање на лиценца за работа од Институтот на сметководители и овластени сметководители на РМ и по запишувањето во соодветниот регистар.
За добивање лиценца за работа субјектите до Институтот поднесуваат барање на пропишан образец за добивање лиценца за работа, кон кое задолжително се приложуваат следните документи:

- список на лица вработени како сметководители и овластени сметководители со регистарски број под кој се запишани во соодветниот регистар кај Институтот;

- доказ за годишно осигурување од штета при вршење на професионална дејност (сметководствени работи), и тоа:
         за трговец поединец-сметководител на износ од минимум 2.000 евра во денарска противвредност по штетен настан,
         за трговец поединец-овластен сметководител на износ од минимум 5.000 евра во денарска противвредност по штетен настан и
         за друштво за вршење сметководствени работи на износ од минимум 20.000 евра во денарска противвредност по штетен настан и

- доказ за уплатен надоместок за издавање лиценца за работа.

Истовремено потребно е да се достави и барање за упис во регистарот на лиценцирани друштва за вршење сметководствени работи, со цел скратување на времето за упис во соодветните регистри“.